ИСТАНБУЛ (АА) – Во Турција денес се одржа погребна молитва (џеназе намаз) и беше погребан истакнатиот исламски научник Мухамад Али ал Сабуни, кој почина во петокот на 91-годишна возраст, јавува Агенција Анадолија (АА).
На погребната молитва во џамијата „Фатих“ присуствуваа, меѓу останатите, и заменик-претседателот на Партијата за правда и развој (Ak Parti), Мухамет Емин Акбашоглу, претседателот на Сирискиот исламски совет, Осама ал Рифаи, неколку поранешни турски пратеници, членови на семејството на Ал Сабуни и роднини.
Погребната молитва ја водеше Салих Топчу, имам на џамијата „Исмаилага“.
Ал Сабуни е роден во Алепо, Сирија, во 1930 година, а во 1962 година се преселува во Мека за да предава на универзитетот. За време на неговиот живот е чест гостин во телевизиските емисии во кои говори за исламот, а има напишано вкупно 57 книги.
Дипломирал на Исламскиот факултет при Универзитетот „Ал-Азхар“ во Египет во 1955 година и важи за еден од најистакнатите научници и најпознати автори во областа на тефсирот (коментарот) на Куранот и хадисите.
Ал Сабуни почина вчера на 91 година во турскиот град Јалова, јужно од Истанбул.
„Anadolu Agency“









