АНКАРА (АА) – Турција се повлече од Европскиот договор за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, наведено е во Службениот весник на земјата што е објавен денес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, потпиша указ за повлекување од Истанбулската конвенција, што е потпишана во 2011 година.
Министерката за семејство, труд и социјални работи, Зехра Зумрут Селчук, на Твитер објави дека правата на жените се загарантирани во домашното законодавство, особено во турскиот Устав.
Селчук истакна дека турскиот правен систем е доволно динамичен и силен да применува нови прописи по искажана потреба.
Истакна дека насилството врз жените е злосторство против човештвото и дека Турција одлучно ќе ја продолжи борбата против насилството по принципот „нулта толеранција“.
Шефот на Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун, изјави дека Турција одлучно ја продолжува борбата за поголема инволвираност на жените во општествениот, економскиот, политичкиот и културниот живот.
„Секогаш ќе говориме дека силните жени се силна Турција“, напиша Алтун на Твитер.
Турција е првата земја што ја ратификуваше конвенцијата на Советот на Европа усвоена во Истанбул. Конвенцијата настојува да го спречи насилството врз жените, вклучително и семејното насилство, и да ја запре правната неказнивост на сторителите.
„Anadolu Agency“









