ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неодамнешните изјави на американскиот претседател Џо Бајден упатени кон неговиот руски колега Владимир Путин не му прилегаат на еден претседател на држава, јавува Агенција Анадолија (АА).

Американскиот претседател Бајден неодамна во интервју го нарече рускиот претседател Путин убиец и порача дека наскоро ќе ја плати цената за мешање во американските избори, на што Путин вчера му одговори на тој начин што му посака на Бајден добро здравје и дека неговите изјави претставуваат поглед во огледало.

На прашањето на новинарите, и турскиот претседател Ердоган денес ги коментираше изјавите на Бајден велејќи дека тие не му доликуваат на еден претседател на држава.

„Не е прифатливо еден претседател на држава да дава такви изјави за претседател на одредена друга држава како што е Русија. Сметам дека уважениот Путин навистина многу паметно и убаво му одговори на тоа“, изјави Ердоган.

Тој како апсолутно неприфатлив го оцени и вчерашниот ракетен напад кој од Сирија е извршен на територијата на јужниот пограничен турски град Килис.

Ердоган изјави дека тој напад е продлжение на грешките кои режимот на Сирија ги прави веќе десетина дена, и дека турските сили жестоко одговориле на тој напад.

Во нападот врз Килис немаше настрадани лица.

На почетокот на 2016 година, повеќе од 70 ракети беа истрелани во Килис од територијата на Сирија, од страна на ДЕАШ, при што загинаа најмалку 21 лице, а потоа регионот во голема мера е расчистен од терористите преку турските воени операции во подрачјето.

Од 2016 година Турција спроведе четири успешни прекугранични антитерористички операции во северна Сирија за да спречи формирање терористички коридор и да обезбеди безбедно враќање на населението: „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018), „Извор на мирот“ (2019) и „Пролетен штит“ (2020).

Anadolu Agency