ДАКАР (АА) – Последното истражување на јавното мислење во Африка покажа сè поголемо слабеење на имиџот на Франција на тој континент, додека истовремено расте имиџот на Турција во тој дел на светот, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Советот на француски инвеститори во Африка (CIAN) ја спроведе третата анкета „Africaleads 2021“ со која се утврдува ставот на африканските земји за имиџот на странските држави кои дејствуваат во Африка.

Анкетата ја спроведе компанијата ИММАР од Париз, а Советот резултатите ги објави на виртуелниот Африкански форум.

Истражувањето е базирано на изјавите на еминентните испитаници од 12 африкански држави, а резултатите покажаа дека имиџот на Франција во Африка слабее секоја година. Франција по тоа истражување во 2019 година на листата на земји со најдобар имиџ во Африка беше на петто место со 21 отсто од анкетните бодови, а минатата година падна на шесто место со 20 отсто. Оваа година имиџот на Франција падна на седмо место со 17 отсто.

– Позитивниот имиџ на Турција двојно зголемен –

Турција е земја која направи најголем скок на листата на земји со најдобар имиџ во Африка. Турција сега се наоѓа на осмото место, веднаш зад Франција, а тоа го оствари благодарение на растот од осум на 15 отсто од анкетните бодови.

Стопроцентното зголемување на бројот на испитаници кои сметаат дека Турција има најдобар имиџ во Африка најмногу може да се поврзе за сè поголемите турски инвестиции и нови авионски линии кои „Туркиш Ерлајнс“ ги воведува во Африка.

– САД и понатаму на чело на листата и покрај расните проблеми на кои укажува движењето „Блек лајф метер“ –

САД во однос на претходната година изгубија пет отсто од анкетните бодови, но и со 43 отсто се задржаа на првото место на листата на земји со најдобар имиџ во Африка.

Аналитичарите сметаат дека САД го одржуваат својот имиџ во Африка благодарение на политиката на „soft power“ и покрај фактот што антирасистичките протести по убиството на Џорџ Флојд и основањето на движењето „Блек лајф метер“ (Животот на црномурестите е важен) директно се одразуваат на негативните наслови и САД.

Зад САД е Германија со 37 отсто, а потоа следуваат Канада со 34, Велика Британија со 28, Кина со 22 и Јапонија со 19 отсто од анкетните бодови.

– Турција по анкетата влезе и меѓу шесте најкорисни партнери во Африка –

Резултатите од анкетата покажаа дека Кина се смета за најдобар и најкорисен партнер на земјите во Африка, а следуваат САД, Канада, Германија и Јапонија.

Турција на таа листа се искачи на високото шесто место, а следуваат Велика Британија, ОАЕ и Франција, која и на таа листа доживеа неуспех.

– Јужноафриканската Република има најдобар имиџ меѓу африканските земји –

Со истражувањето е направена листа и на земји со најдобар имиџ на африканскиот континент, а на врвот на таа листа се најде и Јужноафриканската Република. Следуваат Мароко, Гана и Руанда.

Со анкетата, исто така, е откриено дека Тојота го зазема врвот на листата на најсигурни брендови во Африка, а следуваат Кока Кола, Епл и Самсунг.

Во анкетата учествуваа 2.426 испитаници од 12 африкански држави, а станува збор за аналитичари, претставници на приватните сектори, цивилното општество, медиумите, верските заедници и другите области на животот.

Анкетата е спроведена со 200 одржани директни состаноци со испитаници од Алжир, Тунис, Египет, Етиопија, Кенија, Нигерија, ДР Конго, Камерун, Буркина Фасо, Брегот на слонова коска, Сенегал и Мароко.

Anadolu Agency