Во секторот на туризмот, кој минатата година со сертификацијата за безбеден туризам успешно го мина тестот во однос на епидемијата, по сигналите од Русија почнаа да доаѓаат позитивни сигнали и од европскиот пазар.
Додека германските туристи се на врвот со раното резервирање во Турција за претстојната сезона, пазарот во Велика Британија доби на интензитет.
– „Има сериозно зголемување на резервациите“ –
Мехмет Ишлер, потпретседателот на Туристичката федерација на хотелиери во Турција (TÜROFED), за Агенција Анадолија (АА) изјави дека 2020 година и покрај епидемијата била добра година, иако не го достигнале очекуваното ниво на бројот на туристи.
Ишлер, кој во исто време е и претседател на Здружението на туристички претпријатија и сместувачки капацитети на егејскиот брег (ETİK), изјави дека секторот преживеал во периодот на Ковид-19 благодарение на навремено преземените чекори и поддршката.
Тој посочи дека Турција во однос на Шпанија и Грција многу подобро управувала со периодот на епидемијата, и дека благодарение на тоа, придобивките ќе продолжат и оваа година.
Истакнувајќи дека според извештајот што го објави еден шпански магазин за туризам и патувања, на германскиот пазар Турција е лидер во резервациите за патувања, со учество од околу 24%, Ишлер додаде: „Постојат сериозни побарувања за Турција. Најголема причина за тоа е што како Турција добро управуваме со процесот на коронавирусот и сертификатот за безбеден туризам. Раните резервации од Европа за новата сезона ја израдуваа туристичката индустрија, која не можеше да го постигне она што го очекуваше во 2020 година, поради епидемијата.“
Тој рече дека турското Министерството за култура и туризам и Агенцијата за развој на туризмот вложуваат голем труд.
Наведувајќи дека посакуваат бројка од 30 милиони туристи до крајот на годината, Ишлер рече дека секторот се радува на позитивните вести што доаѓаат со секој изминат ден.
Посочи дека како сектор продолжуваат со подготовките за новата сезона. „Оваа година ќе биде многу подобра од 2020 година. Мислиме дека лошите денови останаа зад нас.“
Anadolu Agency










