ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелските сили по 184. пат ги срушија домовите во селото Аракиб, во пустината Негев, сместена на јужниот дел на земјата, во која живеат Палестинците, оставајќи повторно десетици цивили без покрив над главата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Азиз ал Тури, член на Одборот за одбрана на Аракиб, за АА изјави дека израелските сили само за време на пандемијата деветпати го срушиле селото во кое живеат 22 палестински семејства.

Во селото Аракиб, кое израелските сили првпат го срушија во јули 2010 година, живеат повеќе од 80 Палестинци, државјани на Израел.

Израелската администрација наведува дека селото е изградено по нелегален пат и дека треба да биде срушено. Граѓаните, од друга страна, наведуваат дека станува збор за наследство на нивните предци кое датира уште од пред основањето на Израел.

Граѓаните, по секое рушење, куќите повторно ги градат од дрво и пластика и со тоа покажуваат отпор.

Како што тоа е случај и со другите села во Негев, ни во Аракиб не се пружени услуги на дистрибуција на електрична енергија и вода, а Израел не го признава правото на Палестинците од тоа подрачје на имотот.

Според палестински извори, Израел заплени 11 од вкупно 12 милиони хектари на колку што се простира пустината Негев и во која живеат околу 200.000 Палестинци.

Anadolu Agency