Кипар, Грција и Израел, денеска потпишаа првичен договор за изградба на најдолгиот и најдлабокиот подводен енергетски кабел во светот, кој ќе го премине дното на Средоземното море по цена од околу 900 милиони долари и ќе ги поврзе нивните електрични мрежи, објави Ројтерс .

Проектот, наречен Евроазиска интерконекција, ќе обезбеди резервен извор на енергија во итни случаи, рече израелскиот министер за енергетика, Јувал Штајниц, кој беше во Никозија и потпиша меморандум со неговите колеги.

Кипарската министерка за енергија, Наташа Пилидес, рече дека тоа претставува „решителен чекор кон ставање крај на енергетската изолација на островот, а со тоа и на нашата зависност од тешките горива“.

Кабелот ќе има капацитет од 1.000-2.000 мегавати (MW) и се очекува да биде завршен до 2024 година, објави израелското Министерство за енергетика.

Со должина од околу 1.500 километри и максимална длабочина од 2.700 метри, тоа ќе биде најдолгиот и најдлабокиот подводен кабел за напојување, се вели во соопштението.

Штајниц рече дека кабелот „ќе ни овозможи да добиеме електрична енергија од електричните мрежи на европскиот континент во итни случаи и што е уште поважно, ќе ја поддржи нашата можност значително да ја зголемиме зависноста од производството на соларна енергија“.

Израелското министерство соопшти дека Европската унија, го признала кабелот како „проект од заеднички интерес“ и дека е подготвена делумно да го финансира.


„MEMO“

„Dubai-Portal“