Шеснаесетгодишната Ирмак Јилдирим ќе биде првата жена од Турција што ќе учествува на Светското мотокрос првенство за жени, а своите подготовки ги продолжува во подрачјето на Сусурлук во турската област Баликeсир со поддршка на нејзиното семејство, јавува Агенција Анадолија (АА).

Светското мотокрос првенство (MXGP) во септември минатата година беше одложено поради пандемијата на Ковид-19, а помеѓу 8-12 септември во Афјонкарахисар ќе се реализира етапата во Турција на ова првенство.

Настанот ќе трае 5 дена и ќе се одржи во Центарот за мотоспортови во Афјон, во чии рамки ќе се одржат трките во Светското мотокрос првенство, Светското мотокрос првенство за жени, Европското мотокрос првенство и трките во MX1 и MX2.

Шеснаесетгодишната Јилдирим, која живее во турската област Измир, ги посетува патеките во подрачјата на Сусурлук и Ѓонен во Баликесир заедно со нејзиното семејство со цел да ги реализира тренинзите.

Јилдирим ќе се натпреварува во 11. трка на Светското мотокрос првенство (MXGP), што ќе започне во мај во Холандија. Таа има за цел да биде меѓу првите три победници.

Ирмак Јилдирим во изјавата за АА истакна дека веќе 9 години користи мотоцикл и дека учествувала на натпреварите за супермото и мотокрос.

Според неа, татко ѝ ја поттикнал на мотокросот, а веќе 2 години учествува на меѓународни натпревари.

„Посебна е гордоста да бидам прва жена која учествува од Турција во оваа категорија. Многу сум возбудена. Бидејќи и жените се доста брзи, затоа имам тежок товар на рамењата поради тоа што ќе се натпреварувам со нив“, рече таа, додавајќи дека секоја вечер тренира.

„Немам некоја цел да бидам првак во Турција или првак во женската категорија. Во иднина многу сакам да влезам во првите три победници во оваа категорија во која се наоѓам, да освојам медали и пехари. Тоа е мојата цел. Моментално во Турција има многу мал број жени тркачи. Сакам сите жени да го искусат овој адреналин на трката. Затоа понекогаш се обидувам да ги охрабрам и моите пријатели“, истакна таа.

Јилдирим нагласи дека учи гимназија и дека сака универзитетските студии да ги продолжи на медицина.

Таа истакна дека добила голема поддршка од нејзината мајка Ферја Јилдирим, која, како што наведе, е претседателка на Егејскиот мотоциклистички клуб.

Меѓу другото, мајката Ферја Јилдирим рече дека се гордеат со успесите на нивната ќерка и дека се горди оти ќе учествува на светското првенство.

Anadolu Agency