Десетици илјади луѓе биле жртви на хакерски напад врз поштата на Мајкрософт (Outlook), а хакерите поврзани со кинеската влада се најверојатно одговорни за хакерскиот напад, тврди Мајкрософт. Според некои извештаи, хакерите примарно нападнале компании и владини агенции. Хакери успеале да украдат е-пошта и да инсталираат малициозен софтвер за да продолжат да ги следат нивните цели, но обемот на индивидуалниот напад сè уште не е јасен, објави Мајкрософт на својот блог.
Според компанијата за сајбер безбедност Волексити, која го откри хакирањето, нападот првично се случил во јануари, но нападите се интензивирале во последните неколку недели. Затоа, агенцијата за сајбер безбедност на американската влада предупреди во средата дека има хакерски напад врз поштата на Мајкрософт и се препорачуваат понатамошни чекори. Новинар специјализиран за оваа област, Брајан Кребс, во петокот објави дека биле нападнати најмалку 30.000 корисници на Мајкрософт, пренесува Њујорк Тајмс.










