Милиони Тексашани веќе три дена се без електрична енергија и греење поради ледената бура во која загинаа најмалку 21 лице, додека крајно неповолните временски услови со денови ја парализираа најголемата земја во САД и околните региони. Околу 2,7 милиони домаќинства останаа без електрична енергија, покажуваат податоците на Советот за снабдување со електрична енергија во Тексас (ERCOT), кооператива одговорна за 90 проценти од електричната енергија, која е под зголемена критика поради масовните прекини на електричната енергија, пренесува Ројтерс.

Националната метеоролошка служба соопшти дека врнежите од снег во Северен Тексас најверојатно ќе престанат околу пладне, иако го задржа предупредувањето за зимското невреме до 20 часот и предупреди дека екстремно ниските температури ќе траат со денови.

Покрај тоа, ниските температури со снег и ледениот дожд се движат кон исток, така што до вечерва се очекува голема количина мраз во делови на Тексас, пониски Мисисипи, Вирџинија и Северна Каролина.

Во невремето загинаа најмалку 21 лице во четири држави, а метеоролошката служба предвиде дека температурите во делови од централниот и јужниот дел на САД ќе останат на 20 до 35 степени под просекот за неколку дена.