Германија денес делумно ги затвори своите граници со Чешката Република и австрискиот Тирол поради ширењето на нови видови на коронавирус, и покрај осудите за ваквата акција од Европската унија. Илјадници полицајци се мобилизирани за строги контроли на границата, што потсетува на првите денови од пандемијата, кога членките на ЕУ ги затворија своите граници. На преминот Киферсфелден во јужна Баварија, полицајците со жолти елеци запираат секое возило што доаѓа од Австрија.
Според новите правила, кои важат до 17 февруари, во Германија може да се влезе само со негативен тест за коронавирус. Исклучоци се за работниците во здравствениот и транспортниот сектор и од итни хуманитарни причини, објави Министерството за внатрешни работи. Германската железница Дојче Бан ги прекина услугите кон и од погодените области. На најголемиот аеродром во Франкфурт, федералната полиција во неделата изврши проверка на патниците кои пристигнаа од Виена и Прага. Целта на ограничувањето е да се забави ширењето на нови и позаразни видови на коронавирус што се појавија во Велика Британија и Јужна Африка и предизвикаа нови епидемии долж границата со Чешка и во Тирол, Австрија.
Европската комисија ги осуди новите германски ограничувања. „Стравот од нови мутации на коронавирусот е разбирлив“, изјави европскиот комесар за здравство, Стела Киријакидес, за германскиот весник „Аугсбургер алгемајне“ во неделата. „Но, вистината е дека вирусот не може да се запре со затворени граници“, рече комесарот, додавајќи дека вакцините и почитувањето на хигиенските мерки се „единствените работи што функционираат“. „Мислам дека е погрешно да се вратиме во Европа на затворени граници како во март 2020 година“, додаде таа.
Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер ги отфрли критиките од Брисел. „Доста е“, рече Зехофер за Билд. „ЕУ направи доволно грешки со бавното воведување на вакцини“, рече Зехофер. Владата на канцеларката Ангела Меркел неодамна го продолжи делумното затворање на Германија до 7 март во страв од нови видови, иако бројот на дневни инфекции се намали во последните неколку недели. Во Чешка, три региони се затворени, вклучително и два во близина на германската граница, поради ширењето на британскиот вид на коронавирус. Секој што го напушта австрискиот Тирол мора да претстави негативен тест за коронавирус поради зголемување на инфекциите поврзани со јужноафриканскиот вид. Скијачките центри во Австрија се отворени за локалното население, но странските скијачи сè уште пристигнуваат.
Баварскиот премиер Маркус Содер рече дека стравува дека ќе се создаде „втор Ишгл“, што е упатување на австрискиот скијачки центар, кој минатата година беше во фокусот на ковида-19 и придонесе за ширење на коронавирусот во Европа.









