Швајцарија од 8 февруари ќе бара негативни тестови за коронавирус од луѓе кои ќе влегуваат во земјата од области со висок ризик, соопшти денеска владата.

Швајцарската влада исто така предложи двојно зголемување на фондот, финансиран од федералните и кантоналните влади, на пет милијарди швајцарски франци за поддршка на компаниите кои беа силно погодени од ограничувањата за борба против пандемијата на коронавирусите, објави Ројтерс Во соопштението по состанокот на Владата, исто така, се наведува дека Владата е подготвена да ја активира повторно шемата за обезбедување државни гаранции за банкарски заеми на погодените компании, доколку се влоши кредитниот пазар.

Швајцарската влада ги продолжи надоместоците за невработеност за три месеци, што ќе ги чини околу 500 милиони франци и наведе дека федералната влада дополнително ќе финансира околу шест милијарди франци дополнителни трошоци за да ги покрие поволностите за работниците кои работат со скратено работно време.