Полициска единица за отстранување бомби испратена e во фабрика во Велс што произведува антиковид вакцини за АстраЗенека. Фабриката во која се произведуваат и чуваат дозите на вакцината „Оксфорд-АстраЗенека“ е евакуирана по добивањето на сомнителниот пакет. Полицијата во Северен Велс ги потврди овие наводи.
– По стручен совет, делумно ја евакуиравме локацијата се додека не се спроведе целосна истрага – соопшти полицијата. Полицијата соопшти дека е поставен кордон во близина на фабриката Вокхард и од јавноста се бара да се држи настрана. Нема извештаи за штети или повредени. Да потсетиме, Астразенека нема да учествува на денешната средба со претставниците на Европската унија, пренесуваат светските медиуми.

Европската комисија брзо потврди дека биле известени од Астразенека дека нема да бидат присутни на состанокот. Министерот за здравство на Австрија, Рудолф Аншобер изјави дека преговорите меѓу АстраЗенека и ЕУ, по барање на британско-шведската компанија, се одложени за еден ден, за утре.

– Според мене, тоа не е голем проблем – изјавил австрискиот министер и повтори дека АстраЗенека треба да достави вакцини во согласност со претходно постигнатиот договор, пренесува Ројтерс.

Според агенцијата, на тој состанок требало да се разговара за набавка на вакцини против вирусот корона. Таа фабрика може да произведе 300 милиони дози вакцини годишно.









