Индиската полиција и земјоделците кои протестираат против аграрните реформи и владата на премиерот Нарендра Моди се судрија во Њу Делхи. Полицијата употребила солзавец за да ги растера земјоделците кои со трактори дошле во главниот град.

Земјоделците тврдат дека владата спроведува аграрни реформи на нивна штета, со цел да им помогне на земјопоседници, пренесува Спутник. Тие протестираат веќе два месеци, а конфликтот кулминираше за време на прославата на 72-годишнината од усвојувањето на уставот. Судирот меѓу демонстрантите и полицијата се случи недалеку од местото каде што требаше да се одржи парадата по повод националниот празник и на која требаше да присуствува државниот врв. Полицијата дозволи протест со трактори, но земјоделците дојдоа порано отколку што им беше одобрено и не ги почитуваа сите 37 услови што ги направија полицијата, пренесуваат индиските медиуми. Тие ги пробија барикадите на влезот во градот, а судирите продолжија по градските улици, објави Ројтерс.

 

Демонстрантите ја окупираа Црвената тврдина, историски штаб кој служеше како кралска резиденција. Лидерот на индиската опозиција, Рахул Ганди, ги осуди немирите и повика на повлекување на аграрните закони, поради што земјоделците протестираат. Земјоделството во Индија вработува скоро половина од 1,3 милијарди жители, а незадоволството кај околу 150 милиони сопственици на фарми ја загрижува владата на Нарендра Моди.

Владата и земјоделците одржаа девет рунди преговори, а предлогот на владата да се одложи спроведувањето на законот за 18 месеци беше одбиен, пишува Ројтерс.