Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон изјави дека епидемијата на коронавирус завршила во таа мала и сиромашна централноазиска земја. Според официјалните податоци, оваа поранешна советска република, сосед на Авганистан, имала само десетина нови случаи на коронавирус од почетокот на годината и нема смртни случаи поврзани со Ковид-19. Официјалните податоци, кои се исти повеќе од две недели, покажуваат дека од април минатата година се регистрирани 13.308 заразени со коронавирус и 90 мртви, додека 13.218 лица се опоравиле од оваа болест.

Во моментов нема активни случаи во Таџикистан, кој има 9,5 милиони жители. „Можеме со сигурност да кажеме дека повеќе нема коронавирус во Таџикистан“, изјавил во парламентот претседателот Рахмон (68), но предупреди дека „нема релаксација“ и дека мора да се почитуваат правилата за лична и јавна хигиена. Претседателот исто така рече дека „секој што ќе дојде во Таџикистан ќе добие 14-дневен домашен карантин, под надзор на матичните лекари“.

Таџикистан, кој е многу сиромашен, има голема дијаспора во Русија и Казахстан. Властите планираат да отворат џамии следната недела по девет месеци. Таџикистанската влада ги објави првите случаи на Ковид-19 само на 30 април 2020 година, непосредно пред пристигнувањето на делегацијата на Светската здравствена организација на увид, додека земјата тврдеше дека е поштедена од епидемијата, која се шири низ целиот свет.

Туркменистан, друга авторитарна држава во Централна Азија, никогаш не призна ниту еден случај на коронавирус, дури и по воведувањето на рестриктивни мерки и објавата на британскиот амбасадор во Ашгабат дека има Ковид-19.

(Вијести.ба / Бета)