Руското Министерство за надворешни работи ја обвини Амбасадата на Соединетите држави во Москва за мешање во нејзините внатрешни работи испраќајќи пораки за поддршка на демонстрациите за ослободување на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Руското Министерство за надворешни работи наведува дека американската амбасада испраќа поддршка до демонстрантите преку својот профил на социјалните мрежи и дека Соединетите Држави ги прекршуваат дипломатските норми споделувајќи ваква содржина.
– Американската амбасада во Москва се меша во внатрешните работи на Русија – соопшти Министерството за надворешни работи, додавајќи: – Американската администрација мора да се справи со своите проблеми, вклучително и поделбата создадена од социјалната неправда и нееднаквоста во американското општество.
Обидите на американската дипломатија да предизвикаат радикални елементи, кои го игнорираат моралниот кодекс, се осудени на неуспех и ќе имаат негативни последици врз билатералните односи. Амбасадата на САД во Москва вчера на социјалните мрежи го сподели времето и местото на протестот.










