Абас ја прими Хана Насер, шефица на палестинскиот Централен изборен комитет, во претседателската палата во Рамала, на окупираниот Западен брег, објави официјалната палестинска новинска агенција ВАФА.

За време на состанокот, Абас му предаде на Насер потпишан указ, според кој парламентарните избори ќе се одржат на 22 мај 2021 година, а претседателските на 31 јули 2021 година. „Изборниот процес на окупираните и блокирани палестински територии (Источен Ерусалим, Западен брег и Појасот Газа) ќе се спроведе во согласност со основните принципи на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) и во согласност со националните конвенции“, се вели во потпишаниот указ.

Зближување на Хамас и Фатах?

Кон крајот на минатата година, се постигна приближување меѓу Хамас и Движењето Фатах како дел од потрагата по помирување меѓу политичките групи во Палестина. Генералните секретари и претставници на палестинските групи одржаа истовремени состаноци на 3 септември во Рамала, на окупираниот Западен брег и во Бејрут, главниот град на Либан и на 22 септември во Истанбул. Хусеин ал-Шеик, член на Централниот комитет на движењето Фатах, на 24 септември рече дека преговорите меѓу Фатах и ​​Хамас во Истанбул биле позитивни и плодни.

Потоа беа преземени конкретни чекори за одржување избори по 15 години. Шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Хение, испрати писмо до Абас на 31 декември 2020 година, велејќи дека тие „се согласиле изборите да се одржуваат последователно и не во исто време како што беше претходно предвидено“. По писмото, палестинскиот премиер Мухамед Истије објави дека владата е подготвена да вложи максимални напори во изборниот процес.

(Global CIR/Agencije)