Бурата „Филомена“ донесе екстремно обилни врнежи од снег во делови на Шпанија, а денес во половина од земјата е прогласен црвен метеоролошки аларм.

Во Мадрид, една од најпогодените области, во следните 24 часа ќе паднат уште 20 сантиметри снег, пишува Би-Би-Си. Градскиот аеродром е затворен заедно со бројни патишта. Во петокот вечерта, бројни возила се насукаа на автопатот близу главниот град.

Пожарникарите биле повикани да им помогнат на возачите. Во некои области е повикана војската да помогне во расчистување на патиштата.

Властите побараа од луѓето да избегнуваат непотребно патување. Според локалните медиуми, ова е најголем снег во Мадрид во последните 40 години. Метеоролошката агенција АЕМЕТ објави дека станува збор за историски врнежи од снег. Студеното време ќе продолжи и по викендот, а во четврток во Мадрид се предвидуваат -12 степени.