Турција, најголемиот светски извозник на лешници, оствари приходи од 732,8 милиони долари од извоз на лешници меѓу септември и декември минатата година, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според податоците на Здружението за извоз на лешници и производи од регионот на Црното Море, бројката за четиримесечниот период паднала за 32,7 отсто во однос на истиот период претходната година.

Околу 70 отсто од лешниците од Турција во период септември-декември се извезени во земјите членки на ЕУ.

Во земјите на ЕУ во тој период се извезени околу 75.200 тони лешници во вредност од 515,9 милиони долари.

Турција во 2020 година извезе вкупно 280.924 тони лешници, со што оствари приходи од речиси две милијарди долари.

Република Турција во текот на 2019 година заработи околу 2,3 милијарди долари од извоз на лешници низ светот. Од таа земја во 2019 година се извезени околу 319.772 тони лешници, што е најмногу во историјата на Турција кога станува збор за извоз на лешници.

Од Здружението на извозници на лешници и производи од регионот на Црното Море порачаа дека овој успех никако не е случајност, бидејќи турските бизнисмени напорно работат за да ја задоволат енормната побарувачка за лешници на светските пазари.

Последните години посебно се зголеми извозот на лешници од Турција на кинескиот пазар.