Лидерите на земјите од Персискиот залив потпишаа договор за „солидарност и стабилност“ што треба да означи почеток на крајот на катарската криза, изјави саудискиот престолонаследник принцот Мохамед бин Салман, пренесува Ал Џезира.

Да потсетиме, Саудиска Арабија, нејзиниот главен сојузник од земјите од Персискиот залив Бахреин и Обединетите Арапски Емирати и Египет ги прекинаа дипломатските врски со Катар во 2017 година и воведоа воздушна, поморска и копнена блокада на земјата.

Четирите земји тврдат дека Катар, чија влада е поврзана со Муслиманското братство, финансира тероризам. Главен сојузник на Катар е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во последниве месеци, во неколку наврати беше речено дека е постигнат напредок во преговорите за решавање на кризата.

Лидерите на земјите членки на Советот за соработка во Заливот (Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати) потпишаа т.н. Декларацијата од Ал-Ула, каде што се одржа самитот. Декларацијата промовира „солидарност и стабилност“ меѓу земјите потписнички.

Од изјавата на саудискиот престолонаследник следува дека иранската закана, или заеднички непријател, одигра важна „улога“ во склучувањето на договорот. „Денес постои очајна потреба да ги обединиме нашите напори за унапредување на нашиот регион и да се спротивставиме на предизвиците што нè опкружуваат, особено заканите што ги носи иранската програма за нуклеарна и балистичка ракета и плановите на Иран за саботажа и уништување“, изјавил Мохамед бин Салман, цитиран од Ал Џезира.