Турција е во преговори со Германија за заедничко производство на нова вакцина за коронавирус, изјави во Истанбул турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

– Во нашите преговорите со Германија, тука е и прашањето за заедничко производство на вакцината. ТУБИТАК (Турски совет за научно-технолошко истражување) продолжува да работи на ова прашање – изјави Ердоган.

Минатата недела, турскиот министер за здравство Фахретин Коча изјави дека неговата земја и германската фирма БиоНТех постигнале договор дека почетните 550.000 дози вакцина Пфајзер-БиоНТех ќе бидат испратени во земјата најдоцна во почетокот на 2021 година.

Коча изјави дека 4,5 милиони дози од вакцината ќе бидат испратени во Турција до крајот на март 2021 година, според договорот. Турција може да има пристап до 30 милиони дози како дел од договорот, додаде тој.

Претседателот Ердоган истакна дека Турција направила напредок во набавката на вакцините, додавајќи дека се испорачани околу три милиони дози во земјата и дека овие напори ќе продолжат. Во средата, првите пратки на вакцината КоронаВац од кинеската компанија СиноВац Биотех пристигнаа во Турција. Опишувајќи ја 2020 година како година „полна со болка за целото човештво“, Ердоган изрази надеж дека благодарение на преземените мерки, 2021 година ќе биде година на опаѓање на случаите на КОВИД-19.

КОВИД-19 однесе повеќе од 1,82 милиони животи во 191 земја и регион откако се појави во Кина во 2019 година.