Утринава во Госпоѓинци, во општина Жабар, Србија, пуштен е во употреба делот од гасоводот „Турски тек“, кој минува низ Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваше на пуштањето на новиот гасовод.
Должината на магистралниот гасовод во Србија е 403 километри од бугарската до унгарската граница. Првата делница е од бугарската граница до Ќуприја, потоа од Ќуприја до Дунав, па од Дунав до Зрењанин, додека четвртата делница е од Госпоѓинци до Суботица.
„Турски тек“ е мегапроект кој се состои од два крака на гасоводот што ќе доставува руски гас до Турција, а преку него и во Европа. Двата крака имаат капацитет од 15,75 милијарди кубни метри. Едниот крак со руски гас ќе ја снабдува Турција, а другиот ќе пренесува гас до Европа.
Претседателот на Србија рече дека „ова е голема и важна работа“ и дека гасниот ден започнува во 6 часот наутро, што е причина за нивното рано собирање.
„Ова е од огромно значење за нас, за индустријата, за напредокот на српската економија, но исто така и за жителите на нашата земја“, рече тој.
Вучиќ изрази благодарност до сите работници.
„Ова е важен ден за нашата земја и повелете, гасот нека почне да тече и да бидеме уште поуспешни. На сите им посакувам добро здравје. Ви благодарам многу, да живее Србија и да живее пријателството меѓу Србија и Русија“, додаде тој.
Тој истакна и дека Србија со овој гасовод обезбедила енергетска стабилност и безбедност и дека гасот преку овој гасовод ќе се набавува по цена од 155 долари, со многу пониски транспортни трошоци.
„Со овој гас обезбедуваме енергетска сигурност и добиваме можност да привлечеме дополнителни инвеститори“, рече тој и најави дека гасот ќе се донесе во уште многу општини.
Тој објасни дека преку гасоводот низ Србија, гасот ќе оди во Унгарија и Босна и Херцеговина, и дека постои можност тој да оди и во други земји во регионот.
На отворањето присуствуваа рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан Харченко, претседателот на покраинската Влада на Војводина, Игор Мировиќ, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Томислав Момировиќ, директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, директорот на „Коридорот на Србија“, Александар Антиќ.
Како што беше прецизирано, преку новиот гасовод денеска во Србија ќе бидат пуштени до 6 милиони кубни метри гас.








