Ова е ужас. Ова е трагедија, рече Зоран Милановиќ, претседателот на Хрватска, денес во Петриња, која беше погодена од разорен земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Петриња денес изгледа како Грозни, во Чеченија, пред 20, 30 години. Она што сега единствено можам да кажам со сигурност, Петриња ќе биде обновена со пари од Европската Унија. Овој град ќе биде обновен, но емотивното на луѓето никој нема да може да им го надомести“, рече Милановиќ.

Во денешниот земјотрес во Петриња загина дванаесетгодишно девојче, а бројни граѓани се повредени и во градот Сисак, како и во хрватската престолнина Загреб.

Спасувачките и лекарските екипи се на терен и од урнатините се извлекуваат повредените. Се стравува дека би можело да има уште жртви.

Земјотресот, што се случи денес во Хрватска, беше почувствуван и во Босна и Херцеговина, Словенија, Унгарија, Србија, Црна Гора, но и во Австрија, па дури и во Германија.