Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека станбените објекти, што ќе ги изгради турската Управа за развој на јавното домување (ТОКИ), ќе претставуваат нов белег на пријателство меѓу Турција и Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се надевам дека во најкраток можен рок ќе ја завршиме првата фаза и дека ќе можат да се сместат нашите браќа што ги загубија своите домови“, порача Ердоган.
Тој преку видеоконференција се обрати на свечената церемонија на поставување на камен-темелникот на 522 станбени објекти, што ТОКИ ќе ги изгради во Албанија.
Ердоган, упатувајќи поздрав до Албанија и до Албанците, потсети дека по земјотресите што се случија на 21 септември и на 26 ноември 2019 година Турција веднаш ги мобилизирала своите можности.
„Албанија е близок пријател и партнер на Турција на Балканот. Радоста на албанскиот народ е наша радост, нивната тага е наша тага“, нагласи Ердоган.
Посакувајќи овој проект, што вклучува 522 станбени објекти и ќе чини приближно 42 милиони евра, да донесе среќа, претседателот Ердоган рече:
„Овие куќи ќе претставуваат нов белег на пријателството меѓу Турција и Албанија. Се надевам дека во најкраток можен рок ќе ја завршиме првата фаза и дека ќе можат да се сместат нашите браќа кои ги загубија своите домови. Во оваа прилика, уште еднаш сакам да им посакам милост од Бога на браќата Албанци кои починаа во земјотресот, а на нивните најблиски моето сочувство. Исто така посакувам од Бога да нè заштити сите од секаков вид катастрофи, несреќи и епидемии.“










