Највисокиот суд на Косово пресуди дека гласање во парламентот за избор на нова влада во јуни годинава беше неуставно, што значи дека сега се неопходни нови парламентарни избори. На тоа е посветена денешната средба на ВД претседателката на Косово Вјоса Османи со претставници на партиите.
Уставниот суд на Косово донесе одлука со која изборот на влада на премиерот Авдулах Хоти е незаконски, бидејќи еден член на парламентот кој гласаше за владата имал затворска казна.
Гласот на пратеникот Етем Арифи беше еден од потребните 61 глас за владата на Хоти, која беше избрана со минимално потребниот број пратеници во парламентот со 120 места.
Судот оцени дека според Уставот на Косово и Законот за општи избори, лицето осудено со правосилна судска пресуда во последните три години не може да биде кандидат за пратеник или да добие важечки мандат во Собранието на Косово.
Судот пресуди дека владата не добила доволно гласови и го повика шефот на државата да одреди датум за нови избори, кои мора да се одржат најдоцна во рок од 40 дена од денот на нивното прогласување.
Во соопштението што синоќа го објави Судот, се вели дека досегашните одлуки на Владата остануваат на сила, како и дека кабинетот на Хоти ќе продолжи да ги извршува должностите до изборот на новата влада.
Потпретседателот на Демократската сојуз на Косово Лутфи Хазири, член на владејачката коалиција изјави дека неговата партија ја прифаќа и ја почитува одлуката на Уставниот суд.
Разговорите меѓу Косово и Србија без напредок
Поранешниот судија на Уставниот суд, Кадри Круезиу, изјави за РСЕ дека врз основа на уставните одредби, вршителот на должноста претседател Вјоса Османи сега треба да ги обедини политичките лидери, кои треба да одлучат за распуштање на Собранието и распишување нови избори.
Жалбата пред судот беше поднесена од левичарско-националистичката опозициска партија Самоопределување која тврди дека гласот на Арифи од партијата Ашкали е неуставен, бидејќи тој е осуден на една година и три месеци затвор за проневера на субвенции.
Повеќе на РСЕ










