Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за воведување санкции врз Турција длабоко ги разнишува вредностите на сојузништвото меѓу двете земји, и го осуди таквиот потег, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ја осудуваме таквата одлука, која не е во согласност со сојузништвото, сегашната воена или политичка реалност“, изјави Акар за АА.
САД вчера воведоа санкции кон Турција поради купувањето на рускиот одбранбен систем С-400.
„Ваквата одлука ги разниша сите вредности на сојузот меѓу двете земји“, нагласи Акар.
Осврнувајќи се на ракетните и другите заканите со кои се соочува Турција, тој изјави дека земјата ги презема сите мерки за да се заштити и да го заштити својот народ.
„Очигледно, санкциите за земја членка на НАТО не само што ќе го поткопаат духот на сојузништвото, туку длабоко ќе ја нарушат довербата меѓу сојузниците“, рече Акар.
Турција е членка на НАТО сојузот речиси 70 години.
Во април 2017 година, кога долготрајните обиди за купување на системот за противвоздушна одбрана од САД се покажаа како неплодни, Турција потпиша договор со Русија за набавка на системот С-400.
Спротивставувајќи се на распоредувањето на рускиот систем, американските власти тврдат дека тој ќе биде некомпатибилен со системите на НАТО и дека ќе ги изложи авионите од следната генерација Ф-35 на евентуална руска измама.
Турција истакна дека С-400 нема да биде интегриран во системите на НАТО и не претставува закана за Алијансата или за нејзиното вооружување.
Турција, исто така, предложи формирање Комисија за разјаснување на какви било технички прашања, но САД не одговорија на овој предлог.









