Хурије Башкапан е 105-годишна жена која го победи коронавирусот (Ковид-19), а нејзиниот оптимизам и борбата во текот на хоспитализацијата беа поттик за многумина пациенти.
Иако го напуштила центарот на Истанбул, односно се отселила од областа Фатих во областа Силе, бабата Башкапан и нејзината ќерка и внуците почувствувале симптоми на исцрпеност, губење апетит и зголемување на телесната температура, а тестирањето покажало дека се позитивни на коронавирусот.
Поради проблемите со бубрезите и црниот дроб, но и поради фактот дека се работи за жена на возраст од 106 години, Башкапан е хоспитализирана.
Таа со ведриот дух и оптимизмот го привлекла вниманието во болницата и за само пет дена закрепнала и е отпуштена од болница.
И останатите членови на нејзиното семејство оздравеа, а таа во разговор за Агенција Анадолија (АА) рече дека одлично се чувствува по лекувањето, без оглед на повремените болки во нозете кои се присутни веќе со години.
„Внимавам. Господ нека ме сочува од полошо искушение. Долго не бев болна, бргу помина и не ни сфатив што е. Само ми кажаа дека сум заразена“, рече Башкапан.
Со пофални зборови таа говореше за лекарите и за медицинскиот персонал кој работи во Државната болница „Силе“ во која се лекувала.
Лекарот Емре Озге за АА рече дека во првите два дена од хоспитализацијата примениле агресивна терапија, а дека потоа ја следеле реакцијата на пациентката.
„Ковид-19 е најсмртоносен кај постарите пациенти и кај оние со додатни здравствени проблеми, а сето тоа е случај кај Башкапан. Брзо и релативно лесно закрепна, без оглед на нејзините години“, рече Озге и додаде дека е важно што пациентката ги почитувала препораките и советите на лекарите во текот на лекувањето.
Лекарот Озге, исто така, рече дека во закрепнувањето на повозрасните пациенти важна улога имаат генетските предиспозиции и општата здравствена состојба која се однесува на здравиот начин на живот во текот на младоста.










