Француската полиција употребила солзавец против демонстрантите кои се собрале во Париз зради донесување на новиот Закон за безбедност, со кој ќе се ограничи споделувањето на полициските снимки и фотографии за време на митинзите.
Неколку десетици илјади луѓе денес се собрале на улиците низ Франција, а мирните протести се претвориле во сериозни немири.
Сè уште е напнато во срцето на главниот град, каде демонстрантите ја запалија Централната банка на Франција.
Демонстрантите исто така го запалиле и уличниот мебел и се обидуваат да го блокираат пристапот на полицијата на некои улици, објави Гардијан.
„Полиција насекаде, правда никаде“, „Полициска држава“ и „Смејте се додека ве тепаат“ беа меѓу паролите што демонстрантите ги носеа на преполниот плоштад.
Многумина носеле и транспаренти со натписи како што се: „Кој ќе не заштити од полицијата?“ и „Стоп за полициското насилство“.
Демонстрантите запалиле огномет, поставиле барикади и фрлале камења кон припадниците на полицијата, јави Би-Би-Си.
Додека демонстрантите палеле автомобили и киосци во Париз, полицијата во Лион користела водени топови за да ја растера толпата.
Да потсетиме, десетици митинзи беа организирани низ цела Франција против Законот за безбедност, кој беше одобрен од долниот дом на парламентот оваа недела, но сè уште се чека на „зелено светло“ на Сенатот.
Групите за граѓански слободи и новинарите се загрижени дека мерката ќе ја запре слободата на печатот и ќе овозможи полициската бруталност да остане неоткриена и неказнета.
Дебатата продолжи во последните денови, откако се појавија снимки на кои се гледа како француски полицајци го претепале црниот музички продуцент Мишел Зеклер, предизвикувајќи негодувања низ целата земја.
Полициските службеници вклучени во тепањето на Зеклер се суспендирани додека не се спроведе внатрешна полициска истрага.
Извор:Nova.rs










