Планетата земја и природните богатства несомнено почнуваат да постапуваат како ние со нив, негрижата од надлежните овој пат ни покажува и докажува дека несомнено го губиме едно од трите природни езера во Македонија, но, оваа тема продолжува да останува во сенка и не толку актуелна во јавноста.
Преспанското Езеро кое го делат три држави, Македонија, Грција и Албанија.
Македонија го има најголемиот дел од Преспанското Езеро и тоа се наоѓа во југозападниот дел од земјава, во Пресанската котлина се наоѓаат двете езера: Малото и Големото Преспанско Езеро, во водите на Големото Езеро се наоѓа тромеѓето на македонската, албанската и грчката граница. На македонскиот дел од Големото Преспанско езеро, главни притоки со кои се храни со вода се реките Источка, Преторска, Брајчинска и Голема Река, која поминува низ градот Ресен.
Водите на Преспанското Езеро истекуваат во Охридското Езеро, тука се поставува
прашањето дали убавините на Охридското Езеро зависат од убавините на Преспанското Езеро и го додаваме фактот дека по повлекувањето на Преспанското Езеро почнува со повлекување и Охридското Езеро.
Дали го губиме Преспанското Езеро со двата острови, кој се прогласени за строг природен резерват заради специфичноста геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна со своето историско минато, на местото каде постојат археолошки наоѓалишта од ранохристијанскиот период, езеро богато со риба познатиот преспански крап и рибите белвици-нивички, црвеноперката, скобустот, мренката, кленот и др. Езерото кое е богато и со птичијот свет, во Преспа засолниште наоѓаат близу 100 видови птици…езеро со историска легенда.
Преспанската област се одликува со многу сончеви денови, а крајбрежјето на езерото има неколку убави песочни плажи, опкружени со планини со бујна вегетација и бистра вода со температура од 24-28 степени, присуство на многу сончеви денови, немање на магловити денови, свежи ноќи, еколошки чиста средина, планини, изградени туристички капацитети итн.
Дали оваа убавина ќе биде минато и тоа во ситуација кога неколку градови во Македонија знаат да се најдат на листата најзагадени градови во Европа, а и во светот ние ги губиме и местата кои можеме да најдеме мир, чистота и релаксација.
За жал, како и што споменав на почетокот, Преспанското Езеро се соочува со сериозна
еколошка катастрофа, оваа година е забележано најголемото досегашно опаѓање на нивото на езерото, Преспанското Езеро полека но сигурно умира, водата се повлекува, критична е состојбата и на Охридското Езеро, дали од ден на ден се збогуваме со двете најголеми природни езера во Македонија, а од надлежните само молк?!
Преспанското езеро ја покажува својата немоќ, но, спас од институциите од трите држави и од Европа, нема.
И додека политичките партии во Македонија меѓусебно се обвинуваат за долгогодишната (не) грижа за животната средина и природните богатства, ние за жал во меѓувреме се збогуваме со природните богатства ширум земјава.
Пишува: Елена Ристеска, политиколог.






