Азербејџанскиот претседател, Илхам Алијев, изјави дека Ерменија ќе одговара пред меѓународните судови за сета нанесена штета и за разорувањето на азербејџанските територии, што во последните 30 години ги држеше под окупација, јавува Агенција Анадолија (АА).

Алијев, вчера во придружба на сопругата Михрибан, ги посети покраините Фузули и Џебраил, што азербејџанската Војска ги ослободи од ерменска окупација.

Тој присуствуваше и на церемонијата за полагање камен-темелник за новиот пат што ќе се гради меѓу Фузули и Шуша.

Потсетувајќи дека овој проект ќе биде спроведен на териториите ослободени од окупација, Алијев изјави дека со ослободувањето на градот Шуша, Ерменија сфатила дека е бесмислено да пружа отпор против Азербејџанците.

„Непријателот беше принуден да потпише капитулација на 10 ноември. Ослободувањето на Шуша од окупација ја покажа нашата сила, професионалноста на нашата војска, храброста и јунаштвото на нашите војници. Операцијата Шуша ќе заземе посебно место во историјата на светската војна. Нашите херојски војници ја извршија оваа операција поминувајќи низ планини, ридови и патеки само со лесно оружје. Спасувањето на Шуша е наша славна победа“, порача Алијев.

Наведувајќи дека штетата што Ерменците ја нанеле на регионот во текот на годините ќе се пресмета, а правата на жртвите ќе ги надомести државата, Алијев изјави дека луѓето конечно ќе се вратат во својата татковина.

Тој додаде дека во местата ослободени од окупација може да се посведочи на дивјаштвото што зад себе го оставаат оние што ја напуштаат територијата по неколкугодишната окупација.

„Погледнете го дивјаштвото што го прават. Палат куќи, згради, училишта, сечат дрва. Ги прекинуваат далноводите. Тоа го гледа целиот свет. Немаат ниту совест, ниту морал. Од тие причини победата остварена во Втората војна во Карабах е од голема историска важност. Не е работата само во тоа Азербејџан да ја ослободи својата територија, туку да покаже како завршуваат окупаторите“, порача Алијев.

Алијев потоа го посети и градот Фузули, каде што пред една зграда најпрво го бакна, а потоа го подигна азербејџанското знаме.

„Целиот свет би требало да знае што значи ерменското дивјаштво. Тоа ќе го покажеме на светот. И другите градови се во иста ситуација. Како тука да поминало некое диво племе. Сакаа да го избришат нашето културно и верско наследство, уништувајќи и ограбувајќи сè, но не успеаја. Бидејќи се вративме. Отсега ќе живееме тука како и векови претходно. Уништениот град Фузули е жив сведок на ерменскиот фашизам. Целиот свет би требало да го види тоа и не би смеел да молчи и да биде рамнодушен како во изминатите 30 години. Таа рамнодушност беше ветер во грб на ерменската окупација“, порача Алијев.

Во текот на посетата на градот Џебраил, Алијев уште еднаш му честиташе на целиот азербејџански народ, порачувајќи дека Карабах му припаѓа на Азербејџан.

Уште еднаш укажа на тоа што останало зад ерменската окупација, порачувајќи дека за тоа ќе одговараат.

„Ги уништија сите згради и сета останата инфраструктура. Тие затоа ќе одговараат пред меѓународните судови. Ќе дојдат меѓународните експерти, ќе се пресмета сета штета која ни е нанесена за 30 години. Мислеа дека азербејџанскиот народ повеќе нема да се врати тука. Поради тоа ни срушија сè. Но се измамија. Се вративме. Ќе ги обновиме сите тие места“, заклучи Алијев.

Anadolu