Трансјадранскиот гасовод (TAP), долг 878 километри, започна со комерцијални операции за пренесување 10 милијарди кубни метри азербејџански гас во Европа, се вели во соопштението од компанијата, јавува Агенција Анадолија (АА).

ТАП пренесува природен гас од изворот Шах Дениз во азербејџанскиот дел на Каспиското Море до Европа. Гасоводот претставува европски крак на Јужниот гасен коридор и се поврзува со Трансанадолискиот гасовод (TANAP) на турско-грчката граница во Кипои, ги преминува Грција и Албанија и Јадранското Море, пред да излезе на брегот во Јужна Италија.

Комерцијалните операции започнаа сега, четири и пол години по започнувањето на градежните работи во Солун, Грција.

Проектот, што ќе игра значајна улога во енергетската безбедност на Европа и во диверзификацијата, обезбеди 3,9 милијарди долари финансии од меѓународните институции за финансии.

Акционери во рамките на ТАП се БП (BP), СОКАР (SOCAR) и „Снам“ (Snam), секој со удел од 20 отсто, додека „Флуксис“ (Fluxys) има удел од 19 отсто, „Енагас“ (Enagas) – 16 и „Акспо“ (Axpo) – удел од 5 отсто.

„Денес, долгорочната визија стана реалност. Како нов оператор на системот за пренос, развиен и изграден во согласност со најдобрите практики и стандарди во индустријата, ТАП овозможува двојна диверзификација, вклучувајќи сигурни и одржливи извори на енергија и гас, и ќе достигне до милиони европски корисници во претстојните децении“, беше цитиран Лука Скипати, управен директор на ТАП.

Мурад Хејдаров, претседател на Одборот на директори на ТАП, рече дека Јужниот гасен коридор е пионерски носител на природен гас од Азербејџан кон Европа и еден од најмодерните и најсигурни системи што се достапни во моментот за транспорт на енергија. Како клучна компонента на Јужниот гасен коридор од 3.500 километри, ТАП комбинира стратешки и пазарни карактеристики.

Тој додаде дека гасоводот овозможува Европа да добие снабдување од друг извор, истовремено поддржувајќи ги клучните цели на ЕУ за постигнување интегриран пазар на енергија и одржлива, безбедна и диверзифицирана енергетска мешавина, придонесувајќи за тековните струи кон транзиција на чиста енергија.

Приближно 55.000 парчиња цевка со вкупна тежина од 520.000 тони беа искористени во проектот, при што беа потребни 50 милиони работни часови труд.

„Системот ТАП работи во согласност со меѓународно признатите стандарди за квалитет, здравје, безбедност и животна средина и е дизајниран со потенцијал двојно да го зголеми својот пропусен капацитет на 20 милијарди кубни метри годишно“, се вели во соопштението.

Anadolu