Тајфунот Вамко на Филипините предизвика поплави во кои досега животот го загубија 53 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите што ги објавија локалните медиуми, претставниците на полицијата информирале дека во поплавите предизвикани од тајфунот починале најмалку 53 лица, 52 се повредени, а 22 лица се водат како исчезнати.
Тајфунот, чие локално име е Улисес, предизвика прекин на електричната енергија во голем број домови во земјата, а некои патишта се неупотребливи.
Од друга страна, поради очекувањата тајфунот Вамко да го зафати и Виетнам, на 460.000 лица што живеат во централниот дел на земјата им е дадена наредба да бидат подготвени за можна евакуација.
Поради доближувањето на тајфунот, затворени се 5 аеродроми, железничките линии се запрени во регионот, а дадени се предупредувања за можни поплави и свлечишта.
Тајфунот Молаве, што беше активен кон крајот од октомври, беше причина за смртта на 22 лица на Филипините и на 35 лица во Виетнам.
И тајфунот Гони, што ги зафати Филипините на почетокот од ноември, предизвика смрт на 16 лица. Поради тајфунот Гони, кој се смета за најмоќен во текот на годината, на островот Лузон беа евакуирани приближно 1 милион лица.
Anadolu










