Израелскиот парламент го ратификуваше договорот за нормализација на односите потпишан во септември со Бахреин. Мнозинството од 62 пратеници од вкупно 120 гласаа за договорот, а 14 против за време на анонимното електронско гласање.

Израелскиот парламент го одобри договорот за воспоставување врски со Бахреин.

Тринаесет члена на Обединетата листа на арапскo израелски партии гласаа во средината на октомври против ратификување на сличен договор со Обединетите Арапски Емирати.

Обединетата листа се спротивставува на какво било нормализирање за време на израелската окупација на палестинските територии.

За време на дебатата, премиерот Бенјамин Нетанјаху ги критикуваше ставовите на арапските израелски партии, но рече дека ќе има можности да ги поправи, што имплицира дека може да се склучат слични договори со други земји.

„Сигурен сум дека и другите земји официјално ќе се приклучат на кругот на мирот“, додаде тој.

Емиратите и Бахреин потпишаа договори со Израел на 15 септември во Белата куќа, со што станаа третата и четвртата арапска земја што ги нормализира односите со Израел. Петтата земја што се согласи да ги нормализира односите е Судан.

Египет и Јордан потпишаа мировни договори, соодветно, во 1979 и 1994 година, со што завршија војните со Израел.

(Глобален CIR / агенции)