Рускиот претседател Владимир Путин изрази задоволство по повод потпишувањето на договорот за прекинот на судирите во Нагорно Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
Путин на видеоконференцијата на Шангајската организација за соработка зборуваше за синоќа потпишаниот договор кој ќе стави крај на судирот во Нагорно Карабах.
„Се надевам дека последните чекори кои ги презедовме ќе обезбедат долготраен мир за народите на Ерменија и Азербејџан“, изјави Путин.
Рускиот претседател настаните во Карабах ги окарактеризира како трагедија и истакна дека договорот ќе го запре понатамошното пролевање на крв.
Ерменија и Азербејџан постигнаа договор за завршување на судирите во Нагорно Карабах. Договорот е постигнат синоќа со посредство на Русија и предвидува повлекување на ерменските сили од Лацин, Келбецер и Агдам.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во обраќањето до нацијата изјави дека договорот е победа на Азербејџан, а пораз на Ерменија.
Во Азербејџан граѓаните излегоа на улиците и го прославуваат договорот, додека во Ерменија граѓаните излегоа да протестираат поради потпишаниот документ.
Anadolu










