МОСКВА (АА) – Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека прекинот на огнот меѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно Карабах синоќа стапил на сила, јавува Агенција Анадолија (АА).

Путин гостувајќи во телевизиска програма соопшти дека е потпишана заедничка декларација меѓу Азербејџан, Ерменија и Русија во врска со прашањето за Нагорно Карабах.

„Примирјето меѓу Азербејџан и Ерменија стапи на сила вечерва. Азербејџан и Ерменија останаа на позициите кои во моментот ги контролираат“, изјави Путин и наведе дека руските мировни сили ќе бидат распоредени на линијата на контактот во Нагорно Карабах и долж коридорот меѓу Карабах и Ерменија.

Тој најави и враќање на бегалците под контрола на Високиот комесаријат на ОН за бегалци. Ќе биде овозможена и размена на заробениците и телата на загинатите.

„Постигнатите договори претставуваат добар темел за праведно решение на кризата во Нагорно Карабах и формираат услови за решение во интерес на народот на Азербејџан и Ерменија“, изјави Путин.

Азербејџан го опишува договорот како пораз на Ерменија

Азербејџанскиот претседател го опиша договорот за прекин на борбите околу регионот Нагорно Карабах, како пораз за Ерменија.

Во телевизиско обраќање, Илхам Алиев со нов договор објави крај на конфликтот во Карабах меѓу Баку и Ереван.

Претходно тој ден, рускиот претседател Владимир Путин објави потпишување на договор меѓу Азербејџан и Ерменија.

Алиев рече дека ерменскиот премиер Никол Пашинјан го потпишал договорот поради „железната тупаница“ на Баку, а не волјата на Ереван.

Тој рече дека ослободувањето на околу 300 населени места во регионот ја ослаби ерменската армија од 27 септември.

Алијев рече дека областа Агдам ќе му припаѓа на Баку од 20 ноември, додека Калбајар ќе биде вратен до 15 ноември, а Лачин до 1 декември.

Азербејџанскиот претседател рече дека Русија ќе распореди 1.960 војници и 90 оклопни возила на своите мировни сили на контактната линија Нагорно-Карабах и во коридорот Лачин.

Тој исто така најави заедничка турско-руска мировна мисија во Карабах.

Односите меѓу двете поранешни советски републики над Горниот Карабах остануваат затегнати од 1991 година, но на 27 септември избија нови судири.

Оттогаш, Ерменија постојано напаѓаше азербејџански цивили и сили, па дури и прекрши три договори за хуманитарен прекин на огнот.

Вкупно, околу 20% од територијата на Азербејџан е во илегална ерменска окупација скоро три децении.

Anadolu