Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу се состана со министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Чавушоглу со Османи се состана на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржа во Анталија.

Министерот Чавушоглу, во однос на средбата на социјалните мрежи напиша:

„Повторно му честитавме на министерот за надворешни работи на пријателска Македонија, Бујар Османи за неговата нова должност. Ние понатаму ќе ја развиваме нашата соработка во сите области, особено во борбата против тероризмот и во областа на одбраната. Ќе работиме сите заедно за да го зголемиме обемот на трговија на една милијарда долари.“

За средбата Чавушоглу – Османи во Анталија, соопштение објави и Министерството за надворешни работи на Република  Македонија.

Во соопштението, се наведува дека Османи го запозна својот домаќин со приоритетите во неговиот мандат како министер за надворешни работи, со акцент за посветеноста на одржувањето на добрососедски односи со земјите од поблиското и поширокот соседството, како определба за посилна кохезија и синергија на регионалната соработка и стабилност.

– Османи: „Благодарност за континуираната поддршка од Турција за  Македонија”

„Негуваме традиција на долго и блиско пријателство. Република Турција е силен економски партнер на нашата земја и во таа насока гледаме можности за продлабочување на соработката“, истакна Османи.

Како што соопшти МНР на Македонија, за време на разговорот, Османи се заблагодари за континуираната поддршка која доаѓа од Република Турција за членството на нашата држава во евро-атлантските структури, при што потенцираше: „Убеден сум дека јасна и недвосмислена перспектива на сите земји од регионот за членство во ЕУ е вистинскиот механизам и единствената алтернатива за трајна стабилизација нa земјите од Југоисточна Европа“.

Во соопштешнието се додава дека шефовите на двете дипломатии разговараа и за соработката во областите на економијата, образованието, одбраната, културата, туризмот, но и за борбата против тероризмот и сите форми на екстремизам.

„Министерот Чавушоглу, ја потврди подготвеноста за зајакнување на соработката на билатерален план, на регионалната соработка, како и во интегративните процеси. Посебен интерес даде на значењето од интензивирање на економската соработка и интересот на потенцијалните турски инвестиции на македонскиот пазар, каде веќе се остваруваат видливи резултати”, стои во соопштението.

Anadolu