На вонредната седница на австрискиот парламент, австрискиот канцелар Себастијан Курц побара законски измени со кои на безбедносните служби ќе им се дадат поголеми овластувања во борбата против тероризмот.
„Безбедносните служби не секогаш имаат законски средства да ги следат и санкционираат екстремистите и другите лица кои претставуваат опасност“, рече Себастијан Курц на вонредната седница на долниот дом на австрискиот парламент, Националниот совет, за терористичкиот напад во Виена во понеделникот.
Курц повика на итна реформа на Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок, која ги набудува луѓето потенцијално опасни за австриското општество, но не прецизираше детално за какви промени ќе се работи.
Австрискиот канцелар објасни дека нема да биде дозволено постоење на „паралелни општества“ во Австрија од кои „екстремисти кои убиваат невини“.
„Мораме решително и бескомпромисно да се бориме против непријателите на нашето слободно општество“, рече Курц пред Националниот совет, најавувајќи дека не смее да се дозволи поделба на општеството на христијани и муслимани, или Австријци и мигранти.
Атентаторот, Австриец со албанско потекло, Кујтим Фејзулаи, кој во понеделникот уби четири лица среде Виена, пред помалку од една година беше ослободен од затвор за обид да замине во Сирија, каде што имал намера да им се придружи на членовите на ИДИЛ.
Тој беше ослободен од затвор, бидејќи надлежните служби заклучија дека тој не претставува опасност и дека има изгледи за „позитивен развој“ во процесот на дерадикализација.
Австриските разузнавачки служби исто така беа критикувани, но не реагираа по објавата на нивните словачки колеги дека Фејзулаи има намера да набави муниција за автоматско оружје во Словачка.
(Вијести.ба / Агенции)










