Режимот на Башар ал Асад изврши напади врз центарот на Идлиб и неговата околина во Сирија, во кои животот го загубија 7 цивили, а 13 цивили се ранети, јавува Агенција Анадолија (АА).

Силите на режимот во чиј состав влегуваат режимот на Асад и терористичките групи поддржани од Иран, прекршувајќи го примирјето што Турција и Русија го прогласија во март, уште од утринските часови со топови, минофрлачи и ракетни фрлачи започнаа напади, гранатирајќи го центарот на Идлиб и неговата околина.

Според информациите добиени од центарот на Цивилната одбрана на Идлиб (Бели шлемови), во нападите организирани од режимските сили, животот го загубија вкупно 7 цивили, од кои четворица во местото Ериха, двајца во селото Кеферје, еден во центарот на градот Идлиб, а 13 цивили се ранети.

Додека ранетите се пренесени во околните болници, постои загриженост од можно зголемување на бројот на смртни случаи поради продолжувањето на нападите.


- Последната ситуација во Идлиб

На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за формирање четири деескалациски зони во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо).

Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.

Стотици илјади цивили, што избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.

Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година меѓу Русија и Турција.

На 5 март во Москва Турција и Русија договорија ново примирје во деескалациската зона на Идлиб. Иако режимските сили повремено го кршат примирјето, тоа во голема мерка се одржува.

Во нападите на Русија и силите на режимот во деескалациската зона во Идлиб, во периодот 2017 – 2020 година раселени се околу 2 милиони цивили кон местата во близина на границата со Турција. Над 1.800 цивили загинаа како резултат на бомбардирањата.

Anadolu