ИСТАНБУЛ (АА) – Во Саудиска Арабија е започната кампања за замена на француските производи со турски како резултат на гневот низ арапскиот и муслиманскиот свет против Франција поради антиисламските изјави, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Убивање на две птици со еден камен“, е една од кампањите што стана вирална на социјалните медиуми низ арапските земји.
Кампањата повика на избор на турски производи во знак на почит кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот кохерентен став против изјавите на неговиот француски колега Емануел Макрон за одбрана на навредливите карикатури на божјиот пратеник Мухамед.
Арапските активисти на социјалните медиуми објавија фотографии од француски производи заедно со алтернативи од турските производи.
„Убивање на две птици со еден камен, ги бојкотирам производите на оние кои го навредија нашиот божји пратеник и ги поддржувам производите на оние кои застанаа против таквите навреди“, напиша корисникот на Твитер Али Катар.
„Ја поддржувам кампањата за замена на француските производи со турски и ја поддржувам популарната кампања за поддршка на Турција“, напиша Сем Дуба на Твитер.
Кампањата беше поттикната од потегот на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за иницирање бојкот на турските производи.
На 2 октомври Макрон објави контроверзен план за справување со, како што рече, „исламскиот сепаратизам“ во Франција, велејќи дека исламската вера е во „криза“ низ целиот свет и ветувајќи дека „ќе го ослободи исламот во Франција од странски влијанија“.
Минатата недела тој застана во одбрана на богохулните карикатури на божјиот пратеник Мухамед, велејќи дека Франција „нема да се откаже од нашите карикатури“ по бруталното убиство на наставникот Самуел Пети, кој на часовите ги покажувал провокативните карикатури.
„Најмалку 73 џамии, приватни училишта и работни места во Франција, земја која има најголемо муслиманско малцинство – од околу 5 милиони – во Западна Европа, се затворени досега оваа година“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Франција.
Anadolu









