КУВАЈТ (АА) – Во Кувајт започна кампања за бојкот на француските производи и за поттикнување на продажбата на турските производи поради антиисламската реторика на француските власти и објавувањето на навредливите карикатури за божјиот пратеник Мухамед, јавува Агенција Анадолија (AA).

Кампањата е започната преку социјалните мрежи, а во неа се повикуваат Кувајќаните да го заменат купувањето француски производи со купување турски производи.

Активистите објавија фотографии од некои од најпродаваните француски производи во Кувајт, како и листа на турски производи кои можат да бидат замена за бојкотираните француски производи.

На социјалните мрежи е објавено дека голем број големи маркети во Кувајт ја поддржале кампањата.

Трговскиот ланец со повеќе од 70 деловни единици, Унијата на кооперанти, пред пет дена соопшти дека од полиците во продавниците ги повлекол француските производи.

Шефот на кувајтската дипломатија, Ахмед Насир ал Мухамед ал Сабах, на француската амбасадорка Ен-Клер Леџендре ѝ порача дека изјавите на француските власти, кои содржат напади врз исламот, едноставно мора да престанат.

Тој, исто така, нагласи дека Кувајт го отфрла секој обид за идентификување и поврзување на исламот со тероризмот.

Кувајтските власти и институции досега не ја коментираа кампањата за бојкот на француските производи во земјата.

Anadolu