Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека муслиман не може да биде терорист, ниту терорист може да биде муслиман, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган имаше свое обраќање на состанокот на парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК Партија).

Турскиот претседател се осврна на случувањата во Сирија, нагласувајќи дека доколку има потреба, моќта на Турција е доволна за да ја исчисти Сирија од сите терористички организации.

„Повторувам дека доколку, одржувајќи го ветувањето што ни е дадено, сите терористи не бидат отстранети надвор од линијата што ја определивме, тогаш имаме легитимна причина да се мобилизираме во кое било потребно време“, рече Ердоган.

„Само Турција во вистинска смисла се бори против ДЕАШ. Нападот на Русија врз центарот за обука на силите на Сириската национална војска во Идлиб е знак дека не сакаат да се постигне траен мир и стабилност“, додаде тој.

Ердоган говореше и за неговата карикатура што француското списание „Шарли Ебдо“ ја објави на својата насловна страница.

Турскиот претседател се осврна и на последните случувања во врска со исламофобијата во Франција.

„За жал, поминуваме низ еден период кога непријателството кон исламот и муслиманите, како и непочитувањето кон божјиот пратеник, се шират речиси како рак, особено меѓу функционерите во Европа“, нагласи Ердоган.

„За нас е прашање на чест да стоиме со искреност против нападите кон нашиот божји пратеник“, истакна турскиот претседател.

Ердоган упати апел до Европејците кои имаат здрав разум, во нивно име и во име на нивните деца да започнат иницијатива против ова опасно движење.

„Сметам дека непријателите на исламот и Турција ќе се удават во мочуриштето на непријателството и омразата. Тие се знаци дека Европа повторно ќе се врати во периодот на варварството“, рече Ердоган.

Турскиот претседател потсети дека во рамки на границите на Турција се наоѓаат 435 цркви и синагоги, и дека тие се под гаранција на државата. „Никогаш не интервениравме, не интервенираме и нема да интервенираме врз верувањето и богослужбата на никого“, додаде тој.

Ердоган се осврна на случајот во кој околу 100-150 германски полицајци за време на утринската молитва упаднаа во џамијата „Мевлана“ во Германија, истакнувајќи дека германската канцеларка, Ангела Меркел, не може да даде објаснување за овој случај.

„Муслиман не може да биде терорист, ниту терорист може да биде муслиман“, нагласи турскиот претседател.

Тој информира дека разговарал и со рускиот претседател, Владимир Путин, и нагласи: „Во разговорот рековме ‘Веќе да ставиме крај на ова прашање за Кавказот. Ако сакаш, ова ќе го решиме заедно. Вие разговарајте со Пашинјан, јас ќе разговарам со мојот брат Илхам. Да го решиме тоа.’ Да направиме искрен чекор во оваа насока. Се наоѓаме во состојба на завршување на оваа работа.“

Anadolu