ИСТАНБУЛ (АА) – Неколку арапски земји ги осудија француските провокации и навреди против исламот и божјиот пратеник Мухаммед, предупредувајќи дека овие повторни навреди ја разгоруваат омразата меѓу народите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во последните неколку недели, францускиот претседател Емануел Макрон го нападна исламот и муслиманската заедница, обвинувајќи ги муслиманите за „сепаратизам“. Тој за исламот рече дека е „религија во криза низ целиот свет“.
Ова се совпаѓа со провокативниот потег на „Шарли Ебдо“, левичарското француско списание озлогласено поради објавувањето на антиисламски карикатури, што предизвика гнев и огорченост низ исламскиот свет.
Карикатурите првпат беа објавени во 2006 година од данскиот весник „Јуландс постен“ („Jylllands Posten“), што предизвика бран протести.
Генералниот секретар на Советот за заливска соработка (GCC), Најеф ал Хаџраф, изјавите на Макрон против исламот ги нарече неодговорни и причина за ширење на културата на омраза меѓу народите.
„Тие [француски изјави] се појавуваат во период кога во тек се напори за зајакнување на толеранцијата и дијалогот меѓу културите и религиите“, нагласи Ал Хаџраф.
Даифала Фајез, портпаролот на јорданското Министерство за надворешни работи, исто така ја изрази осудата на неговата земја за повторното објавување на навредливите карикатури на божјиот пратеник Мухаммед од страна на „Шарли Ебдо“ преку оправдувањата за слобода на изразување.
„Таквите практики ги повредуваат чувствата на околу 2 милијарди муслимани и претставуваат напад врз религиските симболи, верувања и светости“, нагласува Фајез, предупредувајќи дека ваквите практики ја поттикнуваат културата на екстремизмот и насилството.
Министерството за надворешни работи на Кувајт, исто така, изрази незадоволство од француското повторно објавување на карикатурите на Пратеникот Мухаммед.
Во соопштението на Министерството се предупредува дека овие навреди „ќе го потпалат духот на омразата, насилството и непријателството и ќе ги загрозат напорите на меѓународната заедница за ширење на културата на толеранција и мир меѓу народите во светот“.
Anadolu









