БАКУ (АА) – Азербејџанската Армија ги продолжува своите воени операции за ослободување на териториите што се окупирани скоро 30 години од ерменските сили, соопшти денес азербејџанското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението Министерството истакнува дека азербејџанските сили во текот на ноќта извеле операции со различен интензитет во регионите Агдере, Хоџавенд, Фузули, Хадрут, Кубадли и Лачин.
„Ерменските сили се спротивставија со оган со тенкови, артилерија и минофрлачи, додека азербејџанската Армија продолжи со активностите во главните правци во согласност со операциските планови, проширувајќи ги областите под своја контрола“, се додава во соопштението.
Ерменските трупи во Кубадли се повлекле со жртви и загуби во опрема, при што се неутрализирани голем број од војниците испратени од ерменскиот регион Цахкадзор во Нагорно Карабах.
Според соопштението, азербејџанската Aрмија уништила два тенка, две оклопни возила, четири хаубици „Д-30“, еден топ „2А36 Гиацинт-Б“ и седум возила на ерменските сили на различни локации на фронтот.
– Конфликтот во Нагорно Карабах –
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.
Околу 20 отсто од територијата на Азербејџан, меѓу која и Нагорно Карабах и седум соседни региони, се под нелегална ерменска окупација скоро три децении.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Anadolu









