Последното негово појавување во јавноста како директор на Државен инспекторат за труд беше на ТВ21. Два дена подоцна, Алајдин Хавзиу е сменет од функцијата. На негово место е назначена Јована Тренчовска. Прашавме во Владата, која синоќа назначи неколку директори и нивни заменици, дали разрешувањето на Хавзиу, било поради непрофесионално работење или само станува збор за политички договор и распределба на свои луѓе во поделбата на „колачот“ од извршната власт помеѓу партиите.

Одговор не добивме. Коментар побаравме и од сега веќе екс директорот на Инспекторатот за труд, но тој одби да даде изјава за неговото разрешување.

Но, реакција има од здружението „Гласен Текстилец“. Од таму велат дека се зачудени со која леснотија менуваат директори, а не се решаваат приоритетни прашања.

-Сметам дека пред да се разрешуваат директори, прво треба да се види дали Трудовиот инспекторат, она што го зборуваме 3 години, имаат тонери во своите канцеларии, дали трудовите инспектори треба пари од џеб да даваат за да одат по печатници да печатат документи што им требаат. Сега од наредната година, од 1-јануари во пензија одат околу 17 инспектори и овој инспекторат ќе кубури со кадар-вели Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“.

Ампева вели дека во изминатите години имале одлична соработка со Хавзиу и дека работите на терен почнале да се подобруваат во насока на заштита на работничките права, особено во време на епидемија со Ковид 19, кога прекршувањата од страна на работодавачите се многу чести.

-Значи не навлегувам јас во работата на новиот директор, директорка што ќе биде. Јас зборувам дека претходно дека имало поприоритетни прашања. Како на пример, две недели наназад Љупчо Николовски најави дека ќе се зголемуваат ингеренциите на инспекторите на терен, на лице место во однос на мерките за заштита од Ковид, а ние гледаме дека не ги гласаат овие две недели. Зошто? – прашува Ампева.

Ампева ја поздрави одлуката на владата за нова финансиска помош на компаниите за исплата на плати за месеците октомври, ноември и декември, но сепак прашува до каде е ситуацијата со претходно злоупотребената финансиска помош која беше наменета за работниците. Како што вели таа, имало 300 компании кои воопшто не исплатиле плата и над 7 илјади компании кои исплатиле сума под минималната плата.

TV21