На малиот Мухаммед од Сирија, роден без екстремитети, вратена му е насмевката на лицето, откако во Турција успешно му се вградени протези, пишува Агенција Анадолија (АА).
Сириското семејство Мисајтиф пристигна во Турција на повик на министерот за внатрешни работи на земјата, Сулејман Сојлу. Мухаммед помина седум недели во Анкара, каде што успешно му се вградени протези. По адаптацијата под надзор на надлежните институции во Турција, Мухаммед со протетски нозе и насмевка на лицето се врати во Идлиб.

– „Благодарност до Емине Ердоган“ –
Семејството Mисајтиф побегна од Идлиб и во моментот престојува во шаторската населба во близина на градот. Таткото Халид, за АА по враќањето во Идлиб изјави дека е завршена првата фаза од лекувањето на неговиот син во Турција.
„Во наредните денови повторно ќе отпатуваме во Турција, по што процесот ќе биде завршен. Благодарни сме на Република Турција, АФАД и на Агенција Анадолија за помошта која ни е пружена“, вели таткото на малиот Сириец, посебно заблагодарувајќи се на сопругата на турскиот претседател, Емине Ердоган, која го прими семејството во својот дом.

Тој нагласи дека е многу благодарен и на целиот турски народ.
„На Мухаммед му е ставен првиот протетски сет за да се навикне на протезата, подоцна ќе му биде ставена и друга протеза по што ќе може да се движи непречено“, истакна таткото.

Рече дека и неговиот син конечно себеси се гледа како дете кое може да си игра со другарчињата.
„Мухаммед сега е насмеан. Се чувствува како и останатите деца. Се надеваме дека лекувањето ќе биде успешно во потполност и дека Мухаммед ќе може да оди нормално. Благодарение на АА, гласот на Мухаммед се слушна во Турција“, изјави таткото.
– Агенција Анадолија ја објави приказната за бебето Мухаммед –
Агенција Анадолија на 28 август ја објави приказната за бебето Мухаммед, родено без екстремитети во куќа која наликува на колиба во подрачје каде под многу тешки услови живеат цивилите принудно раселени од Идлиб.
Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, по сторијата на АА, која го обиколи светот, даде налог малиот Мухаммед да се доведе во Турција за да му се помогне. Сириското семејство преку граничниот премин „Џилвеѓозу“ премина во турскиот град Хатај, а потоа стигна во Анкара.
Anadolu









