АНКАРА (АА) – Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Турција води одлучна и многу успешна борба против тероризмот, а во контекст на ситуацијата во Источниот Медитеран повика на дијалог и решавање на споровите во согласност со меѓународните правила, јавува Агенција Анадолија (AA).
Акар на воената обука „Слободен истрел 2020“ ја истакна важноста на прецизноста во воената, но и во секоја друга работа и рече дека Турција секогаш првенствено се залага за мир, дипломатија и за дијалог, но и дека максимално посветено работи и на јакнење на способноста и капацитетите на своите вооружени сили.
Истакнувајќи дека Турција и целиот регион и светот минуваат низ чувствителни и предизвикувачки процеси, Акар рече дека турските сили водат одлучна и успешна борба против сите терористички организации, вклучувајќи ги ФЕТО, ПКК/ЈПГ и ДЕАШ и дека во тоа е пример за другите земји.
„Нашите храбри сили се борат каде и да има терористи, било да е тоа во Турција, Ирак или во Сирија. Влеговме во места кои важеа за непобедливи терористички гнезда и ги разбивме, а и понатаму ги разбиваме терористите. Ќе се бориме сè додека не биде неутрализиран и последниот терорист и додека нашиот народ и земја не бидат спасени од терористичката закана која постои 40 години“, рече Акар.
Коментирајќи ги актуелните тензии во Источниот Медитеран и Егејското Море, турскиот министер рече дека Турција најискрено ги повикува релевантните страни во духот на добрососедските манири, меѓународното право, договорите и преку дијалог да ги решат сите постоечки несогласувања и прашања.
Нагласи дека Турција ја повикала соседна Грција преку преговори да се решат сите прашања, но дека таа тема одеднаш станала меѓународна, а потоа следуваа и медиумски напади врз Турција.
Турскиот министер за одбрана јасно порача дека грчкиот остров Меис, со површина од 10 квадратни километри, не може да добие 40.000 квадратни километри море, и додаде дека станува збор за остров кој од турскиот брег е оддалечен 1.950 метри, а од грчкиот брег 580 километри.
„Нè обвинуваат дека предизвикуваме тензии кога велиме дека нешто нема да прифатиме. Ние сме силни затоа што сме во право. Ние сме за дијалог и за политичко решение, но нема да дозволиме да бидат згазени нашите права. Тоа треба да биде јасно и затоа ги повикуваме соседите и другите организации на дијалог и решавање на прашањата во рамките на правилата“, порача Акар.
Тој, исто така, порача дека е залуден трудот на некои трети страни кои очекуваат Турција да прифати некои наметнати правила од страна на оние кои ги имаат преценето своите овластувања и моќ.
Акар се осврна и на ситуацијата во Нагорно Карабах и потсети дека Ерменија врши напади врз азербејџански цивили, и дека Азербејџан со право одговори со воена операција, со цел ослободување на сопствената територија која е под ерменска контрола веќе три децении.
„Решението е едноставно. Ерменија нека се повлече од окупираните азербејџански територии, нека ги однесе платениците и терористите и проблемот е решен. Ние сме до крај покрај братскиот Азербејџан и неговата оправдана борба“, порача турскиот министер.
Anadolu








