Најмалку 50 милитанти се убиени во акциите против членовите на терористичката организација Ал Шабаб во Сомалија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Радиото на Вооружените сили на Сомалија објави дека вчера во судирите во регионот Афгоје биле убиени повеќе од 50 милитанти на Ал Шабаб.

Во соопштението се наведува дека во акцијата е убиен и Осман Али Фидов, еден од лидерите на Ал Шабаб.

Вчера во нападот што милитантната група Ал Шабаб го изведе врз воен конвој загинаа 13 војници.

Сомалија е средиште на повеќедецениска политичка, хуманитарна и безбедносна криза, а најголема безбедносна закана претставува терористичката група Ал Шабаб која е огранок на Ал Каеда.

Основана во Сомалија во 2004 година, Ал Шабаб го контролира регионот на јужниот дел на земјата. Членовите на организацијата организираат напади врз државни институции, хотели и врз безбедносните сили во различни градови, вклучувајќи го и главниот град Могадишу.

Anadolu