БРИСЕЛ (АА) – Раководството на Европската Унија (ЕУ) соопшти дека е подготвено да воведе санкции за белорускиот претседател Александар Лукашенко, доколку постизборната состојба во земјата не се подобри, јавува Агенција Анадолија (AA).

Европскиот совет соопшти дека веќе е донесена одлука да не се признае легитимитетот на новиот претседателски мандат на Лукашенко, бидејќи официјален Брисел оцени дека изборите одржани на 9 август во Белорусија не биле слободни и праведни.

Во соопштението се наведува дека народот во Белорусија бара демократски и транспарентни избори, и дека Европската Унија воведе санкции за 40 белоруски функционери кои вршеле изборни измами и вршеле притисок врз опозицијата.

„Доколку ситуацијата во Белорусија наскоро не се подобри, ЕУ е подготвена да воведе уште порестриктивни санкции и на листата на санкционирани да ги стави највисоките официјални претставници, вклучувајќи го и Александар Лукашенко“, се наведува во соопштението.

Во Луксембург утринава започна седница на Советот за надворешни работи на Европската Унија, а шефот на германската дипломатија, Хеико Мас, најави дека ќе предложи заострување на санкциите за белоруските официјални претставници и на листата да се стави Лукашенко.

ЕУ минатата недела забрани влез и го замрзна имотот на вкупно 40 белоруски официјални лица, вклучувајќи го и министерот за внатрешни работи на земјата, Јуриј Карајев.

Anadolu