Откако со кауција од притвор во Соединетите Американски Држави (САД) е пуштен Дерек Чаувин, поранешниот полицаец и обвинет за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис, граѓаните повторно излегоа на улиците во Сент Пол, јавува Агенција Анадолија (АА).
Голем број граѓани со транспаренти во рацете излегоа на улиците на Сент Пол во Минесота.
Меѓу насобраните беа и оние кои носеа транспаренти со имињата на убиените во тој американски град.
На протестите наречени „Таен марш“ беа и семејствата на оние кои се убиени како последица на полициско насилство. Со протестот тие уште еднаш сакаа да го свртат вниманието на нивните барања кои вклучуваат отворање на сите случаи на луѓето кои ги убила полицијата.
Чаувин по уплатената кауција пред неколку дена излезе од затворот „Оук парк хајгтс“ во сојузната американска држава Минесота.
Тој е обвинет за второстепено убиство на Флојд и судењето се очекува на почетокот на наредната година.
Чаувин е еден од четворицата полицајци обвинети за бруталното убиство на Џорџ Флојд при обидот за насилно апсење во центарот на Минеаполис.
Флојд беше приведен на 25 мај во Минеаполис, откако наводно се обидел да употреби фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување се објавени на социјалните мрежи. Полицајците му ставија лисици и го соборија на земја, а еден од нив, Дерек Шовин, му го притисна вратот со колено. Полицајците тврдеа дека Флојд се противел при приведувањето. Против Шовин е подигнато обвинение за убиство од втор степен, додека тројца полицајци се обвинети за помагање при извршување на тоа дело.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати извикуваше дека не може да дише, полицаецот не го тргна коленото од неговиот врат. Набргу потоа Флојд ја загуби свеста, но полицаецот ја задржа идентичната положба кон жртвата. Флојд починал кусо откако бил пренесен во болница.
Смртта на Флојд предизвика бран протести против полициската бруталност и расната дискриминација, што во многу американски градови прераснаа во насилство.
Anadolu









