АТИНА (АА) – Судот во Грција денеска донесе пресуда со која крајно десничарската партија Златна зора се прогласува за криминална организација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Долготрајниот процес против неонацистичката политичка партија заврши денеска по над 450 рочишта од 2015 година, кога започна судењето.
Организацијата се товари за убиството на раперот Павлос Фисас во 2013 година, нападите врз египетските рибари, како и за напади врз активисти поврзани со левичарските организации.
Членот на партијата Златна зора, Јоргос Рупакиас, кој го уби левичарскиот пејач Фисас со тоа што му заби нож во срце, е прогласен за виновен по сите точки на обвинението.
Илјадници луѓе се собраа пред Судот во Атина, каде што требаше да биде објавена одлуката, а околу 2.000 полицајци беа распоредени во подрачјето.
Златна зора е формирана во 1980 година, но не е регистрирана како политичка партија сè до 1993 година.
Нејзиниот политички пробив се случи на изборите во 2012 година кога доби 6,92 отсто од гласовите, правејќи ја петта по големина политичка партија во Грција и овозможувајќи ѝ да влезе во Парламентот за првпат.
Партијата освои три места во Европскиот парламент откако освои 9,4 отсто од гласовите на европските избори во 2014 година. Но, во 2019 година не беше во можност да освои ниедно место, па остана надвор од Парламентот.
Нејзиниот подем се случи во време на европската економска криза, според која Грција претрпе огромна рецесија, загуба на работни места и кратење на буџетот, што доведе до добивање помош од партнерите од Европската Унија и строги мерки за штедење.
Anadolu








